МакедонијаНајново

Одбраната на Дејан Јованов ќе понуди имот како гаранција по истекот на притворот

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост со гаранција во имот, имајќи предвид дека на 3 октомври по сила на закон му истекува едногодишниот притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште, кое се одржа во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје, побара од Судот дозвола нотар да го посети Јованов во притвор, со цел да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како гаранција.

 – По сила на закон на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека Судот може да определи само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување гаранција – изјави Коцевска.

Според неа, должината на судскиот процес е последица на широкиот опфат на обвинението и долгата временска рамка на предметот, што, како што оцени, ја отежнува постапката за утврдување на одговорноста.

 – Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бараме да му бидат испочитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети – рече Коцевска.

Одбраната, додаде таа, е подготвена да понуди гаранција со цел да се обезбеди Јованов да биде достапен на Судот и присутен во понатамошниот тек на постапката.

Коцевска, одговарајќи на новинарски прашања за време на паузата, повтори дека одбраната не ја негира одговорноста на Јованов, туку ја оспорува правната квалификација на делото за која се товари.

 – Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов. Кај него де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот на кој е срочено обвинението. Затоа бараме да му се овозможи почитување на правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност – изјави адвокатката.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска потсети дека од почетокот на судскиот процес се почитуваат законите и правата на сите странки.

 – Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на Судот, притворот од една година мора да заврши – рече Груевска-Илиевска.

Денешното рочиште продолжи со дополнителни прашања од Обвинителството до градежните вештаци кои учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството.

Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и со распитот на вештите лица, според најавите, треба да заврши изведувањето на доказите од Обвинителството. Потоа се очекува да започне изведувањето на доказите на одбраната.

Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата е една од најтешките во поновата историја на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons