Голем успех за 11-годишниот пијанист Андреј Цековски – освои злато и прво место во Њујорк
На единаесетгодишниот македонски пијанист Андреј Цековски во Њујорк му беа врачени златен медал и пехар за прво место на гала-вечерта на победниците во The DiMenna Center for Classical Music на International Youth Music Competitions. Настапот на гала-вечерта на 5 септември беше круна на успехот, каде што Андреј во една од најпрестижните сали за класична музика во Њујорк свиреше пред меѓународна публика. Тој заедно со медалот и пехарот гордо го држеше македонското знаме.
Жирито на натпреварот ја истакна исклучителната музикалност на Андреј, техничката сигурност и неговата уметничка зрелост, кои ретко се среќаваат кај музичари на негова возраст.
На сцената на DiMenna Center тој настапи заедно со победниците од останатите категории – млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора, Турција и други земји.
Андреј е ученик во шесто одделение во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, а првата награда ја освои во категоријата USA Classical Hobbyist на натпреварот одржан во март 2026 година. Негов наставник по пијано е Марија Диманин Богоевска. Пијано почнал да учи на четиригодишна возраст. Андреј е ученик во шесто одделение и во основното училиште „Блаже Конески“ во Скопје. Тој е одличен ученик, освоил неколку државни награди по повеќе предмети, а веќе две години тренира ракомет.



