Мицкоски од Охрид: Пуштен е во употреба реконструираниот аеродром „Св. Апостол Павле“
„Добар ден и од мене, најпрво да заблагодарам на присуството на колегите од Владата, на градоначалниците, на пратениците од македонското собрание, на претставниците на општините кои се во близина на охридскиот аеродром, да се заблагодарам на раководството на ТАВ аеродроми кој што е дел од француската групација Aéroports de Paris, да се заблагодарам на претставниците на медиумите кои што исто така континуирано во периодот кој што е зад нас не пратат и кои што со нивното известување сето она кое што го правиме го доближуваат поблиску до граѓаните.
Можам да кажам дека ова денеска што го гледаме овде во Охрид означува значаен исчекор во насока на подобрување на квалитетот на услугите кои што аеродромите во Македонија ги нудат, со ова охридскиот аеродром навистина добива една поинаква динамика, едно поинакво светло, еден поинаков квалитет и убеден сум дека во периодот којшто следи бројот на патниците, но и бројот на компаниите коишто ќе ги користат услугите на охридскиот аеродром ќе се зголемува, а ние како Влада ќе продолжиме да ја поддржуваме таа активност со поддршката којашто и досега ја дававме.
Во периодот кој што следи ќе гледаме таа уште повеќе да ја зголемиме бидејќи охридскиот аеродром е значајна алка пред се за развојот на целокупниот регион, за развој на Македонија како држава, но истовремено и развој на Охрид, на Струга и другите општини кои што се во близина на овој аеродром, повеќе туристи, повеќе туристички потенцијал затоа што на тој начин ние практично ја развиваме и македонската економија.
Од тоа што можев да го дознам, од претставниците на ТАВ аеродроми коишто навистина импресионираат со нивната работа во Македонија изминативе години, е фактот дека оваа година се бележат рекорди на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“. Имаме ден кога практично имаме добиено најголем број на патници до сега во историјата, повеќе од 3 илјади на еден ден. А, исто така имаме и ден кога има повеќе од 20 полетувања што исто така претставува значајна бројка, бројка која што е за почит.
Јас сум убеден дека во периодот којшто претстои со овие градежни активности и поддршката која што ја даваме како Влада овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до ние бројки коишто претставуваат наш нов таргет, бидејќи на оној неформален дел пред овој настан кога разговаравме заклучивме дека таргетите кои што беа поставени пред нешто помалку од 20 година одамна се пристигнати и надминати, сега се бориме со нови таргети и убеден сум дека тие нови таргети ќе бидат дел од агендата на концесионерот. Но исто така ќе бидат дел и од агендата на македонската влада , а ние ќе продолжиме и понатаму на инвестираме во инфраструктурата и да ја направиме Македонија она што за нас претставува цел, а тоа е крстосница во регионот што претставува значајна, стратешка, компаративна предност споредена со останатите земји во регионот.
Јас знам дека имаме сеуште многу проблеми за решавање, знам дека можеме не се живее онака како што посакуваме да се живее, но исто така сум убеден дека со сите овие инвестиции кои што ги прави македонската влада, со сите овие активности коишто ги правиме како Влада денеска Македонија е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години.
А убеден сум дека за три години од денеска Македонија ќе биде уште подобро место за живеење споредено со денес. На што го темелам ова мое убедување? Го темелам на фактот дека сме мотивирани како никогаш досега, а поддршката која што ја добиваме од граѓаните не инспирира како никогаш досега да продолжиме да работиме, да испорачуваме тоа што граѓаните го очекуваат од нас.
Уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сите присутни, за поддршката која што ја даваат, за реализирање на сите овие проекти, уште еднаш да се заблагодарам на концесионерот ТАВ аеродроми кој што е дел од француската групација Aéroports de Paris, да посакам уште многу проекти да реализираме заедно на македонските аеродроми, па и во Скопје и на овој тука во Охрид.
Уште многу години успешна заедничка соработка. На медиумите исто така да им се заблагодарам што исто така континуирано ја следат работата на Владата и објективно информираат кај граѓаните она што македонската влада го прави и сосема на крај би сакал да го честитам денот на независноста.
Нека ни е честит празникот, и нека ни е вечна Македонија. Ви благодарам.“



