„Безбеден град“ почна автоматски да ги детектира и мотоциклите кои се движат со брзина поголема од дозволената
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Тема на Денот на ТВ Сител вечерва изјави дека системот „Безбеден град“ од вчера почнал автоматски да ги детектира и мотоциклите кои се движат со брзина поголема од дозволената, а првите бројки за казнети моторџии се очекуваат до крајот на денот.
Тој информираше дека е пронајдено техничко решение со кое прекршоците што ги прават мотоциклистите можат автоматски да бидат регистрирани на територијата каде што е имплементиран системот.
„Нека не се изненадат оние кои глумат дека се моторџии и не ги почитуваат правилата, дека ќе бидат предмет на санкционирање од страна на системот „Безбеден град’“, порача Тошковски.
Како што беше објаснето, целта на мерката е пред сè заштита на самите мотоциклисти, но и на останатите совесни учесници во сообраќајот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, претходно за започнатото санкционирање на прекршоците сторени со возила со странски регистарски таблички, рече дека за само шест дена биле доставени и наплатени приближно 11.500 казни, во вредност од околу 8,5 милиони денари.
Министерот информираше и дека продолжува проширувањето на „Безбеден град“ на територијата на целата држава. Според најавениот план, примената на системот на територијата на СВР Велес треба да започне во првата половина на септември, а до крајот на септември и на подрачјето на СВР Охрид. Потоа следуваат СВР Струмица и СВР Штип, а се планираат активности и за имплементација на системот на територијата на СВР Битола.



