Стартува аплицирањето за студентски оброк – студентите ќе добиваат по 140 денари дневно
Студентите од утре, 26 август, ќе можат да аплицираат за субвенциониран студентски оброк, соопшти Министерството за образование и наука.
Јавниот повик се однесува на редовни студенти на прв и втор циклус студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети.
Правото на субвенциониран оброк го имаат студентите кои немаат месечни приходи по кој било основ повисоки од минималната нето-плата во земјава за тековната година. Субвенцијата изнесува 140 денари дневно, средства наменети за купување приготвена храна.
Правото важи и за бруцошите кои, како редовни студенти, имаат право на субвенциониран студентски оброк од 140 денари дневно, шест дена во неделата. Студентите кои нема да го остварат правото преку првичниот повик, ќе можат повторно да аплицираат, а од октомври пријавувањето ќе се одвива во првите пет дена од секој месец.
Финансиската поддршка за студентите кои првпат се запишуваат на факултет останува специфична бидејќи дел од стипендиите се доделуваат врз основа на успехот од претходната академска година. Од МОН посочуваат дека за бруцошите се достапни одредени категории стипендии, особено оние со кои се стимулира запишувањето на дефицитарни студиски програми.
Покрај оброкот, од МОН информираат и за процесот за сместување во студентските домови. Пријавувањето за студентите од прва година ќе трае од 14 до 20 септември 2026 година, а конечната листа ќе биде објавена најдоцна до 30 септември. За студентите се обезбедени вкупно 3.500 места.
Во Скопје се предвидува целосно реновирање на студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, по што до крајот на годината треба да започне реконструкцијата и на преостанатите седум домови. Во однос на Охрид, по затворањето на домот „Никола Карев“, студентите ќе бидат сместени во објект на Министерството за внатрешни работи.



