Пепелта од Етна повторно го ограничи воздушниот сообраќај
До 14 часот по локално време, односно 12 часот по Гринич, во Катанија ќе бидат дозволени само пет слетувања на час, додека за полетувањата нема ограничувања.
Повторното исфрлање пепел од вулканот Етна делумно го ограничи воздушниот сообраќај на меѓународниот аеродром во Катанија, на италијанскиот медитерански остров Сицилија, соопшти денеска управата на аеродромот. Дел од воздушниот простор е затворен поради вулканската пепел, со што е намален бројот на можни слетувања.
До 14 часот по локално време, односно 12 часот по Гринич, во Катанија ќе бидат дозволени само пет слетувања на час, додека за полетувањата нема ограничувања.
Состојбата на аеродромот дури во текот на викендот се врати во нормала, откако воздушниот сообраќај беше сериозно нарушен повеќе од една недела. Етна по ерупцијата повеќепати исфрлаше вулканска пепел, со што предизвика значителни проблеми во воздушниот сообраќај, а бројни летови мораа да бидат откажани или пренасочени. Во саботата конечно беше намалено нивото на предупредување за вулканот, но најновото исфрлање пепел повторно предизвика затворања.
Аеродромот соопшти дека во текот на денот ќе објавува информации за понатамошниот развој на ситуацијата, а на патниците им препорача да проверат кај своите авиокомпании дали има промени во статусот на нивните летови.



