МакедонијаНајново

Вчера беше најтежок ден од сезоната на пожари, а денес продолжува да гори низ десетина локации

Вчера бил најтежок ден од почетокот на сезоната на пожари, со регистрирани најмалку 52 пожари на отворен простор, информираше преку видеопорака директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека во текот на денот биле изгаснати 46 пожари, додека шест останале активни и денеска. Во меѓувреме, денеска се појавиле и нови пожари.

„Еден од најтешките пожари е во близина на Прилеп, покрај магистралниот пат кон Битола. Иако пожарот се одвиваше во рамничарски дел, силниот ветер ја отежна работата на пожарникарите, при што беше зафатена поголема површина. Очекувам наскоро да биде ставен под целосна контрола“, соопшти Ангелов.

Според директорот на ДЗС, голем предизвик и натаму претставува пожарот кај Студеничани, во месноста Рамни Габер. Во неговото гаснење повторно учествуваат „ер трактори“ и специјални тимови на дирекцијата.

„Станува збор за исклучително непристапен терен, поради што интервенцијата е отежната. Чадот е видлив и од Скопје, но во моментов пожарот не претставува закана за околните села“, нагласи Ангелов.

Активен е и пожарот кај Драгов Дол, Македонски Брод, каде гори карпест терен, а на одредени места огнот навлегува и во шума. Во гаснењето се ангажирани 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС. Тимовите успеале да делуваат врз поголем дел од еден од краците на пожарот.

Пожари има и во Босилово, во атарот на Старо Балдовци, натаму и кај Новаци, Кривопаланечко и Могила.

Ангелов упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни и да не предизвикуваат пожари.

„Секојдневната битка со десетици пожари е тешка. Доволна е една искра за да се случи вистинска катастрофа“, порача Ангелов.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons