Македонија

ОЈО поведе постапка против едено лице за сообраќајката кај Радишани

Основното јавно обвинителство Скопје поведе скратена постапка против 46-годишен маж осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа во Радишани, во која животот го загуби мотоциклистот Никола Макрачевски. Според Обвинителството, несреќата се случила на 7 август околу пладне, на улицата „Радишанска“, на крстосницата со улицата „18“.

Осомничениот управувал автомобил „сеат алтеа“ и при свртување налево, според наводите на Обвинителството, не ги пропуштил возилата што доаѓале од спротивната насока.

Со тоа, како што се наведува, му го пресекол патот на мотоциклистот кој управувал „кавасаки“ и продолжувал право низ крстосницата.

Во обид да избегне директен судар со „сеатот“, мотоциклистот преминал во спротивната сообраќајна лента. Таму со предниот дел од моторот удрил во автомобил „алфа ромео“ кој доаѓал од спротивната насока.

Од силината на ударот, мотоциклистот бил исфрлен од моторот и паднал на коловозот. Тој се здобил со тешки телесни повреди од кои подоцна починал, додека возачот на „алфа ромео“ бил полесно повреден.

Обвинителството дополнително го товари осомничениот дека по несреќата го напуштил местото без да укаже помош на повредените лица.

Против 46-годишникот се води постапка за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.

За да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката, јавниот обвинител предложил определување мерки на претпазливост. Меѓу нив се забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и одземање на возачката дозвола.

Истрагата и постапката продолжуваат, а за вината на осомничениот ќе одлучува надлежниот суд.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons