Спорт

Македонските кадети со победа го отворија Европското првенство

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија со убедлива победа против Кипар ги отвори настапите на Б-Европското првенство, кое денеска стартуваше во нашата земја.

Нашите млади кошаркари триумфираа со 82-63 и уште на самиот старт испратија јасна порака дека се подготвени за битка за едно од првите две места во групата кои носат пласман во четвртфиналето. Со исклучок на само 19 секунди во кои противникот имаше предност, Македонија имаше целосна контрола врз мечот и направи одлична увертира за далеку потешките предизвици што ја очекуваат во следните четири кола.

Единствената позитива Кипар ја имаше на почетокот од втората минута со тројката на Христодулу (3-2). Но, следуваше жестока серија на македонските кошаркари од 14-0, а малку подоцна и водство од 25-9, со што уште во раната фаза се навести победникот. Највисоките +21 во првото полувреме беа достигнати пред самиот крај на втората четвртина (44-23), но противникот не се предаде толку лесно.

Кипар одговори со фуриозна серија од 18-1 на преминот меѓу двете полувремиња, се доближи на само четири поени (41-45) и внесе неизвесност. Сепак, нашите кадети брзо ги консолидираа редовите, возвратија со молскавични 21-2 и на почетокот од последниот квартал заминаа на недостижни 71-47, по што рутински го приведоа мечот кон самиот крај.

Блескава партија и вистинско шоу имаше Дион Шабани, кој оствари моќен дабл-дабл учинок од 37 поени, 10 скока и индекс 41. Одлична поддршка имаше во Александар Зунзуровски кој додаде 23 поени. Тандемот Шабани-Зунзуровски постигна речиси исто поени колку и целиот противнички тим заедно.

Далеку посериозен испит за македонската репрезентација следува веќе утре, кога ги очекува дуелот против Исланд во редовниот термин од 18:30 часот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons