МакедонијаНајново

Се намалува бројот на пациенти во Гостивар, четворица остануваат хоспитализирани

Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување, при што продолжува трендот на намалување на бројот на пациенти кои побарале медицинска помош.

Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во однос на претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментов, во болницата се хоспитализирани четири пациенти.

Од почетокот на следењето на состојбата, во двете здравствени установи биле извршени вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 пријави за заразна болест, а обработени се 706 нови епидемиолошки анкети, со што е постигната покриеност од 70 проценти.

Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, прибирање и обработка на податоците, анкетирање на пациентите, како и со координирано спроведување на сите неопходни мерки за заштита на населението.

Од Министерството посочуваат дека намалувањето на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но нагласуваат дека состојбата и понатаму внимателно се следи, а сите превентивни мерки остануваат во сила.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons