Свет

Огромен пожар гори близу најголемата нуклеарна централа во Британија, стотици луѓе се евакуирани

Голем пожар вчера избувна на само пет километри од најголемата британска нуклеарна централа, по што локалните власти во округот Сафолк прогласија состојба на готовност, објави „Телеграф“.

Околу 120 пожарникари и 18 противпожарни возила се борат со огнот на подрачјето Данвич Хит, на неколку километри од нуклеарната централа Сајзуел Б, која обезбедува три отсто од потребите за електрична енергија во Велика Британија.

Од противпожарната служба на Сафолк соопштија дека пожарот засега не претставува директна опасност за постројката, бидејќи електраната има сопствена безбедносна инфраструктура за заштита од пожар.

Сепак, службите предупредуваат дека состојбата е променлива и непредвидлива, па јавноста ќе биде информирана за сите нови детали.

По избувнувањето на пожарот, властите евакуирале стотици луѓе од туристичкото населено место Клиф хаус холидеј парк.

Од населбата биле испразнети околу 200 камп-куќички, а пожарникарите продолжуваат со обидите да го стават огнот под контрола.

Противпожарните служби проценуваат дека гаснењето на пожарот ќе трае најмалку уште два дена.

Високите температури и ветерот придонесуваат за побрзо ширење на огнот и ја отежнуваат работата на екипите.

Пожарот доаѓа во период кога Велика Британија се соочува со нов топлотен бран, по повеќе денови со рекордно високи температури.

Експертите претходно предупредија дека земјата може да се соочи со „исклучително разорни“ пожари како последица на екстремната жештина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons