Македонија

Украден бакар од железничка подстаница во Драчево, штетата се проценува на 5 милиони евра

Бакарни жици, бакарни шини и прачки се украдени од електровлечната подстаница Драчево, лоцирана меѓу железничките станици Лисиче и Драчево во Скопје, при што според првичните проценки е предизвикана материјална штета од околу 5 милиони евра, соопшти Министерството за транспорт.

фото: Министерство за транспорт

Според Министерството, кражбата предизвикала целосно уништување на значителен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, поради што објектот е ставен надвор од функција.

„При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина поголема од 30 тони. Од нив било испуштено трансформаторското масло, а бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени“, наведуваат од Министерството.

Оттаму оценуваат дека не станува збор само за кражба на бакар и опрема, туку за сериозен напад врз критичната железничка инфраструктура и државниот имот, кој може да има последици врз безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај.

Министерството за транспорт апелира до надлежните институции случајот итно и темелно да се истражи, а сторителите, како и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали, да бидат идентификувани и соодветно санкционирани.

фото: Министерство за транспорт

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons