Високите температури го зголемија ризикот од труење со храна – на инфективна секојдневно имаат пациенти
Топлото време носи зголемен ризик од труење со храна. На Клиниката за инфективни болести периодов речиси секојдневно имаат вакви случаи. Како што велат од установата повеќето биле со полесни стомачни симптоми и ги третирале амбулантски, но неделава имале и двајца пациенти со потешка клиничка слика кои биле хоспитализирани.
– Тие се поединечни случаи кои консумирале во оваа жештина сендвичи од позната сендвичара во најтоплите периоди од денот. Тие се соодветно згрижени на Клиниката за инфективни болести. Имаме хоспитализирано двајца пациенти. Денеска беа стабилни и ќе бидат испишани. Очекувано е да растат бројките доколку граѓаните не вбнимаваат каква храна консумираат, особено храна како што е месо и млечни производи, кои не се соодветно и правилно обработени и чувани, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
За да не дојде со труење од храна д-р Цана советува истата пред консумирање добро да се измие и соодветно да се подготви.
– Да се внимава како се мие овошјето и зеленчукот. Сите тие мерки на заштита треба ад се почитуваат и да се внимава како се почитуваат, особено како се управува со храната, дали таа термички е обработена и да се мијат рацете, вели д-р Цана.
Според инфектолозите мачнина, гадење, повраќање, чести дијареи и покачена температура се најчестите симптоми кога се работи за труење со храна, а најчестиот причинител е бактеријата салмонела.



