Мицкоски: Парламентарното мнозинство на коалицијата “Твоја Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ се зголемува и брои 59 пратеници, ДПТМ се приклучува кон коалицијата
Почитувани претставници на медиумите, почитувана македонска јавност,
Денес направивме уште еден значаен чекор во насока на зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, како неопходен предуслов за продолжување на реформите, реализација на проектите и исполнување на обврските што ги презедовме пред граѓаните.
Со потпишување на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани.
Посебно ми е драго што денес нашето политичко семејство станува побогато со Демократската партија на Турците на Македонија. Турската заедница е нераскинлив дел од нашето општество, народ кој со својата работа, традиција и лојалност со децении придонесува за развојот на државата. Нашата соработка е доказ дека вистинските политики ги поврзуваат луѓето, а не ги разделуваат, и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност.
Денес зборувам и како претседател на политичката партија која во овој момент ја има најголемата доверба кај граѓаните и претставува најсилниот политички субјект во државата.
Некој можеби ќе очекува дека поради тоа сум задоволен. Но, искрено, не сум среќен кога гледам во каква состојба се наоѓа опозицијата. Бидејќи на државата ѝ е потребна силна, сериозна и конструктивна опозиција. Тоа е во интерес на демократијата, во интерес на институциите и, пред сè, во интерес на граѓаните.
Од друга страна, парламентарното мнозинство продолжува да се консолидира. Практично Демократската партија на Турците на Македонија од денеска е составен дел на коалицијата, како дел од внатрешната коалиција која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во рамките на македонското собрание и со тоа веќе парламентарното мнозинство добива уште еден пратеник дополнително, а пратеничката група на коалицијата која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент ќе брои 59 пратеници.
Тоа за нас не е причина за самозадоволство, ниту политичка привилегија. Напротив, тоа е уште поголема обврска и уште поголема должност кон граѓаните. Колку е поголема довербата што ја добиваме, толку е поголема и нашата одговорност да испорачаме резултати.
Истовремено, ова е уште еден доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е силна, стабилна и моќна политичка структура, која ја препознаваат сè повеќе граѓани и политички субјекти. Но, мојата амбиција никогаш не била ВМРО-ДПМНЕ само да победува на избори. Победите се важни, но тие не се крајната цел. Мојата цел е ВМРО-ДПМНЕ да биде политичка сила која обединува, која ги поврзува луѓето околу заеднички вредности, околу развојот на државата и економскиот напредок, владеењето на правото, подобриот живот за секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска и политичка припадност.
Верувам дека токму така се гради силна држава – кога политиката не создава нови поделби, туку нови партнерства; кога не се бројат разликите, туку заедничките цели; и кога сите што искрено сакаат да допринесат за напредокот имаат место во заедничкиот пат кон подобра иднина.
Продолжуваме посветено, одговорно и со уште поголема енергија. Граѓаните очекуваат резултати, а наша должност е секој ден да ја оправдуваме нивната доверба со работа, реформи и исполнети ветувања.
Линк од видео материјал:
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ



