МакедонијаНајново

Собранието го усвои новиот Закон за парнична постапка

Собранието го изгласа новиот Закон за парнична постапка, со кој се најавува поширока реформа во граѓанското судство и приближување на постапките до европските стандарди.

Законот беше донесен со 81 глас „за“, 9 пратеници гласаа „против“, а воздржани немаше.

Новите решенија треба да овозможат побрзи, поедноставни и поефикасни судски постапки, како и поголема правна сигурност за граѓаните, компаниите и другите правни субјекти.

Една од поважните измени е поголемата улога на судот во утврдувањето на фактите, со што се очекува постапките да се водат попрецизно и со помалку одложувања.

Законот предвидува и поширока употреба на дигитални алатки во судството. Меѓу новините се електронска достава на судски документи и можност рочиштата да се одржуваат електронски, што треба да ги намали трошоците и времето потребно за завршување на предметите.

Посебно внимание се посветува на споровите од помала вредност, за кои се предвидуваат поедноставени процедури. Се воведуваат и претставнички тужби за заштита на колективни права и интереси, со што се отвора поширок пристап до правда.

Со новиот закон се уредуваат и појасни санкции во текот на постапките, а решенијата се усогласуваат со останатите системски закони за поголема правна сигурност и доследност во примената.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons