Собранието го усвои Законот за игрите на среќа: Обложувалниците и казината најмалку 500 метри од училиштата
Собранието денеска го усвои Законот за игрите на среќа и забавните игри, со 60 гласа „за“ и 20 „против“.
Со новите законски измени се предвидува дислокација на објектите за игри на среќа на најмалку 500 метри од основни и средни училишта, со цел намалување на нивната достапност за младите.
Законот воведува и значајни ограничувања во рекламирањето на оваа индустрија. Се укинуваат светлечките и агресивни реклами, а во иднина ќе биде дозволено само истакнување на називот на компанијата во строго ограничени димензии, без слогани и пораки кои сугерираат лесна заработка или успех.
Дополнително, се воведува задолжително дигитално следење на работењето на индустријата, вклучително и GPS поврзување на системите и пообемна контрола од страна на Управата за јавни приходи. Целта е поголема транспарентност и спречување на нелегално работење.



