Спорт

Македонија посилна за уште еден натурализиран кошаркар против Ирска и Луксембург

Македонската кошаркарска репрезентација доби уште едно засилување во пресрет на претквалификациските натпревари за Европското првенство 2029.

Селекторот Жозеп Мариа Берокал го повика Нејт Сестина во националниот тим. Крилниот кошаркар, кој настапува за италијанскиот шампион Олимпија Милано, ќе се приклучи на подготовките во Скопје и ќе конкурира за настап на дуелите против Ирска и Луксембург во јулскиот ФИБА прозорец.

Сестина се очекува да му се стави на располагање на стручниот штаб на следниот утрински тренинг во салата „Лазар Лечиќ“, со што Македонија практично ќе го комплетира ростерот за завршните подготовки.

Денес на репрезентативните активности им се приклучија и Андреј Јакимовски и ДиВејн Стјуарт Јуниор. Јакимовски ги пропушти воведните тренинзи и контролниот натпревар против Бугарија во Самоков, додека Стјуарт веќе го одработи првиот тренинг во дресот на Македонија.

Избраниците на Берокал на 2 јули во Скопје ќе ја пречекаат Ирска, а три дена подоцна ќе гостуваат кај Луксембург во натпреварите кои можат да бидат клучни во борбата за пласман понатаму.

Пред официјалните обврски, Македонија ќе одигра уште една контролна средба против Бугарија на 25 јуни во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons