Денеска сончево и топло, попладне дожд и грмежи – УХМР најавува локално невреме до следната недела
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во попладневните часови, на одредени места во земјава ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.
Во текот на денот ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северниот правец.
Минималната температура ќе се движи во интервал од 7 до 16 степени, а максималната ќе достигне од 27 до 33 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец, каде минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Според долгорочните најави од УХМР, сè до средината на следната седмица времето во претпладневните часови ќе се задржи сончево и потопло со променлива облачност.
Поради дејство на голема енергија во атмосферата, во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотрајно невреме.
Оваа дестабилизација, според синоптичарите, се очекува да биде најизразена особено во планинските и во југоисточните делови од државата, каде ќе дува умерен ветер претежно од северен правец.



