Мицкоски: Нова инвестиција на „Џаво Отомотив“ е потврда дека Македонија има јасна и предвидлива економска перспектива
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани претставници на компанијата „Џаво Отомотив“,
Денес имаме уште една значајна вест за македонската економија, за индустрискиот развој и за отворањето нови работни места.
Станува збор за инвестиција на компанијата „Џаво Отомотив“, мултинационална компанија со повеќе од четири децении искуство во автомобилската индустрија, и присутна на меѓународните пазари како производител на безбедносни системи, контролни кабли и механизми за водечките светски производители во автомобилскиот сектор.
Компанијата своето производство денеска го реализира, како што слушнавте, во Турција и Централна Европа, снабдувајќи бројни реномирани партнери од автомобилската индустрија.
Новата инвестиција ќе биде реализирана во ТИРЗ Тетово и претставува уште една потврда дека стануваме атрактивна дестинација за компании кои работат во индустрии со висока додадена вредност и современи производни технологии.
Планирано е во Тетово да се пренесе целокупното производството од Турција и Словачка.
Особено значајно е што целокупното производство на контролни кабли на компанијата во иднина ќе се реализира токму од тука, од Тетово, што претставува дополнителна потврда за довербата што инвеститорот ја има во домашната македонска економија, работната сила и деловната клима.
Инвестицијата, како што веќе беше споменато, ќе започне со закуп на постоечки објект, значи станува збор за „brownfield“ инвестиција, со површина од 8.000 квадратни метри, а согласно развојниот план на компанијата, капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година.
Во првите пет години, односно во периодот од 2026 до 2030 година, компанијата планира да инвестира отприлика, како што веќе беше споменато, околу 20-21 милион евра.
Оваа инвестиција ќе донесе и нови можности за вработување. Според бизнис-планот на компанијата, ќе бидат отворени помеѓу 400 и 500 нови работни места, во моментите кога компанијата ќе го добие својот полн сјај.
Дополнително, проектот ќе има значително позитивно влијание врз извозот, бидејќи нивниот план е извозот да стигне до 45 милиони евра годишно.
Ова не е само инвестиција во бројки. Ова е инвестиција во доверба.
Доверба во институциите. Доверба во економските политики. Доверба во стабилноста на државата.
Кога една странска компанија носи одлука дел од своето производство да го пресели токму тука кај нас, тоа значи дека препознала сигурност, предвидливост и јасна економска перспектива.
Во изминатиот период многумина зборуваа дека инвеститорите ќе си заминувале, дека индустриските зони ќе стагнираат и дека економијата нема капацитет за нов развој. Но, имам лоша вест за нив. Не само што многу добро одат работите, односно многу подобро од било кога, туку и фактите го покажуваат спротивното.
Нови компании доаѓаат, постојните инвеститори ги прошируваат своите капацитети, а земјата станува сѐ повидлива на мапата на европската индустрија.
Токму затоа, секоја нова инвестиција ја гледаме како дел од една поширока стратегија. Ние не градиме економија заснована на задолжувања и статистички трикови. Градиме економија која се потпира на производство, инвестиции, извоз и реален економски раст.
И затоа денешната инвестиција на „Џаво Отомотив“ е уште еден показател дека се движиме во вистинска насока.
Ова е порака до секој млад човек кој размислува за својата иднина. Ова е порака до секој работник, инженер, техничар и претприемач. Ова е порака дека државата повторно станува место каде што вреди да се инвестира, да се работи и да се гради иднината.
Продолжуваме со уште поголема енергија, уште повеќе инвестиции и уште повеќе можности за граѓаните.
Нашата цел е јасна – силна економија, повисок животен стандард и држава која забрзано се развива.



