„Мој ДДВ“ не работи веќе трет ден, од УЈП појаснуваат што е причината
Апликацијата „Мој ДДВ“, преку која граѓаните скенираат фискални сметки за поврат на дел од данокот на додадена вредност, веќе трет ден работи со проблеми, поради што голем број корисници не можат да ги регистрираат своите сметки.
При обид за скенирање, на корисниците им се појавува порака дека нема конекција до Управата за јавни приходи (УЈП), поради што процесот не може да се заврши.
На социјалните мрежи граѓаните реагираат дека апликацијата често има проблеми со функционирањето, особено за време на викендите. Дел од нив посочуваат дека ваквите прекини станале почести во текот на изминатата година.
По бројните реакции, од Управата за јавни приходи се огласија со објаснување дека апликацијата моментално функционира со повремени забавувања.
„Ве информираме дека апликацијата МојДДВ моментално функционира со повремени забавувања. Нашите тимови активно работат на утврдување на причините и на надминување на предизвиците, со цел што поскоро да се обезбеди нејзино непречено функционирање“, соопштија од УЈП.
Оттаму им се заблагодарија на граѓаните за трпението, разбирањето и довербата, додавајќи дека се работи на што поскоро нормализирање на работата на системот.
Засега нема информации кога проблемот ќе биде целосно надминат и кога апликацијата повторно ќе функционира без прекини.



