Свет

Америка сака партнери, не вечни ученици

Извештајот на Стејт департментот испраќа јасна порака дека Вашингтон повеќе не сака да настапува како градител и поправaч на држави на Западен Балкан, туку како прагматичен партнер со свои безбедносни, енергетски и економски интереси.

Извештајот на Стејт департментот за Западен Балкан испрати порака што во регионот не помина незабележано: за Вашингтон е завршена ерата во која Соединетите Американски Држави ја предводеа изградбата на нации. Наместо јазик на реконструкција, спасување и меѓународен надзор, во документот доминираат стабилноста, економската соработка, енергетиката, безбедноста и обострано корисните партнерства.

Токму оваа формулација отвори дилема во земјите од регионот: дали станува збор за вистинска промена на американската политика кон Западен Балкан или само за поотворено именување на процес што веќе подолго време се случува зад дипломатските кулиси?

Се менува тонот, не и курсот

Стејт департментот наведува дека правецот на американската политика на Западен Балкан „не е спасување или реконструкција, туку стабилност и обострано корисни партнерства“. На прв поглед, тоа звучи како пресврт. Но, според дел од аналитичарите, Вашингтон не го напушта регионот, туку го менува начинот на кој сака да биде присутен.

Американското Министерство за надворешни работи, во голема мера, само „наглас го изговори она за што се шепотеше“, но тоа не претставува значајно поместување во дипломатијата на САД, оценува Аманда Торп, соработничка на вашингтонскиот Атлантски совет.

– Долго постоеше неусогласеност меѓу одржувањето силно американско или европско присуство во регионот и јасното ставање до знаење дека балканските земји се способни да ја искористат сопствената моќ како регион што е главен транспортен коридор, има квалификувана работна сила и изобилство природни добра – истакнува таа за Би-би-си.

Извештајот е пропишан со Законот за Западен Балкан, кој Конгресот го усвои во декември 2025 година, и сам по себе не претставува драматично отстапување од досегашната политика. Но, она што се менува е политичкиот амбиент во кој се чита документот – втората администрација на Доналд Трамп и начинот на кој таа ја води надворешната политика.

– Извештајот е важен, но не треба да му се придава екстремно значење. Трамп е опкружен со луѓе на кои им верува, а останатите институции се сведени на помошни органи – вели Веско Гарчевиќ, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Бостон.

Што е во фокусот?

Во документот како главни приоритети се наведени одржувањето на регионалната стабилност, јакнењето на економската и енергетската соработка, сузбивањето на влијанието на Русија и Кина и борбата против организираниот криминал.

Особено остар е делот во кој се вели дека организираните криминални групи од Западен Балкан претставуваат директна закана за американската безбедност. Тоа покажува дека регионот за Вашингтон не е само дипломатско прашање, туку и безбедносна зона во која се преплетуваат криминал, геополитика, енергетика и интереси на големите сили.

Важен дел од документот е и тезата дека администрацијата на Трамп е насочена кон „оснажување на локалните актери да ги решаваат сопствените предизвици, наместо продолжување на претераното потпирање врз меѓународна интервенција или надзор“. Тоа значи дека Вашингтон сака помалку да изгледа како тутор, а повеќе како партнер што влегува таму каде што има интерес – економски, енергетски, безбедносен или геополитички.

Во делот за регионална стабилност се наведува дека за 2026 година е планирано одржување разговори со владите на Србија и на Македонија, каде од 2024 година власта ја предводи десничарската ВМРО-ДПМНЕ.

– Постои идеолошка блискост на администрацијата, пред сè со владите во Белград и во Скопје, делумно и во Албанија, но тука мислам дека се работи и за силен економски мотив поради инвестиции во проекти – оценува Гарчевиќ.

Во таа слика се вклопуваат и потезите на регионалните лидери. Неколку дена пред објавувањето на извештајот, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, напиша авторски текст за Фокс њуз, медиум близок до републиканците, во кој тврди дека „Европа го демонизира Трамп, а Србите во него гледаат сродна душа“.

Албанија, пак, во јуни 2025 година формираше државна компанија за да преземе удел во голем туристички проект вреден 1,4 милијарди долари, што го води Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Енергетиката како американски интерес

Енергетиката е еден од највидливите столбови на американскиот интерес. Како и претходно, Вашингтон инсистира на намалување на зависноста од рускиот гас, но во извештајот се гледа и јасен американски комерцијален интерес. Американскиот течен природен гас, нуклеарната технологија и обновливата енергија се претставени како комерцијално привлечни и геополитички исправни алтернативи.

– Тоа се проекти за кои Америка е многу заинтересирана, особено за овој што треба да ги поврзе Србија и Хрватска преку Босна, а во кој се директно вклучени некои од блиските соработници на Трамп – објаснува Гарчевиќ.

Во април годинава, властите во БиХ одобрија енергетски проект Јужен интерконектор вреден 1,5 милијарди долари, кој треба да ја намали зависноста на земјата од рускиот гас. Проектот го предводи новоформирана компанија на чие чело се Џозеф Флин, брат на Мајкл Флин, поранешен советник на Трамп, и Џеси Бинал, поранешен адвокат на американскиот претседател.

– Пораката до земјите од регионот е да се вклучат во проектите што оваа администрација сака да ги спроведе. Ако не можат во енергетиката затоа што не се дел од тие коридори, можат во некои други, како јакнење на капацитетите за борба против влијанието на кинескиот „дигитален пат на свилата“, како 5Г-мрежите, аранжманите со Хуавеј и камерите за надзор – вели Гарчевиќ.

Што недостига во документот?

Но, подеднакво важно е и она што го нема во извештајот. Во документот ниту еднаш не се споменува Канцеларијата на високиот претставник, ОХР, што упатува на одредена промена во однос на претходните слични документи. Тоа не значи дека САД го напуштаат Дејтонскиот договор, туку дека не сакаат да ја отвораат темата за негова реформа со истиот јазик како порано.

– Америка стои зад Дејтон, но поддржувањето на договорот без повикување на негова реформа, што порано го правеа администрациите, е една од суштините на оваа порака на САД – смета Гарчевиќ.

Пораката дека САД се подготвени да дадат поддршка „таму каде што нивното учество е побарано“ покажува дека Вашингтон сепак не ја исклучува можноста за поактивен ангажман во регионот.

– Таа формулација може да се однесува и на моменталната нелогична уставна структура на Босна, која е создадена во САД и со силен американски придонес. Америка има посебен мандат да се ангажира за да се спроведат позитивни уставни реформи – особено од безбедносна перспектива, со што би се овозможило членство на Босна во НАТО – истакнува Аманда Торп од Атлантскиот совет.

Забележливо е и тоа што „европските партнери“ се споменуваат само еднаш. Борбата против корупцијата, исто така, е наведена само на едно место, и тоа во контекст на спречување на „злонамерното“ влијание на Русија и Кина.

– Независното судство и слободата на медиумите, кои често беа постулати на САД во извештаите за регионот, сега исчезнаа – вели Гарчевиќ.

Тука е една од најважните пораки. Во претходните американски пристапи кон Балканот, демократијата, владеењето на правото, медиумските слободи и борбата против корупцијата беа дел од стандардниот дипломатски речник. Сега фокусот се поместува кон стабилност, безбедност, енергија и економски интереси. За дел од владите во регионот тоа може да биде олеснување. За граѓаните, медиумите и граѓанскиот сектор, пак, тоа може да значи помал надворешен притисок за демократски стандарди.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons