Актуелно

Сепак ќе се чека на томосот од Вселенската патријаршија 

Денешното предавање на томосот за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија изненади многумина познавачи на црковните прашања кои очекуваа тоа да се случи за една недела во Истанбул на заедничката литургија на поглаварот Стефан со патријархот на Вселенската патријаршија Вартоломеј. И г.г. Стефан во интеревју за грчкиот весник То вима потврди дека сепак на томосот ќе се чека во Истанбул.

Во томосот што денеска го доби г.г. Стефан од српскиот патријарх Порфириј пишува дека Српската православна црква „топло му препорачува на Синодот на новата сестринска црква да го реши прашањето за нејзиното официјално име преку директен братски дијалог со Хеленската и другите помесни православни цркви“.

Освен тоа таму пишува и тоа дека на МПЦ ѝ „се отстапуваат сите храмови и манастири, особено големите светилишта од времето на Немањиќ и подоцнежните периоди на српско присуство на црковна архитектура и културно творештво на територијата на денешна Северна Македонија, како и вкупниот движен и недвижен имот на СПЦ на новата автокефална сестринска црква“.

Архиепископот Стефан денеска во Белград рече дека патријархот Порфириј и Соборот на Српската православна црква направиле „чекор од историско значење за МПЦ -ОА и за целото православие“.

„На дело покажавте колку го сакате мирот и хармонијата меѓу браќата, како и целата православна црква“, рече архиепископот Стефан, истакнувајќи дека ова е нова прекрасна вест по исто така прекрасната вест на неодамнешната литургија во Скопје.

Поглаварот на МПЦ-ОА во проповедта по литургијата во Белград, каде му беше врачен томос за автокефалност на македонската црква, потецираше дека овој настан е правда за Охрид, градот словенски Ерусалим. „Од вашите раце стигна радост за земјата просветена од павловите слова, стигна правда за Охрид, древната наша катедра, за градот црква од цркви, за градот словенски Ерусалим, за градот што бдее над нашето минато, сегашност и иднина. Сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, од невремињата минати, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости, храм во кој ќе продолжи да се напластува љубовта и единството со сите православни цркви“.

Во интервју за грчка „То вима“ г.г. Стефан вели дека Охридската архиепископија ќе го почитува канонскиот поредок на православната црква и ќе бара томос за автокефалност од Вселенската патријаршија, затоа што таа е единствената црква која по традициите и каноните издава таков документ.

„Во православното предание има ред на работите. Не бараме експресни решенија, не сакаме нешто што ќе ја постави Охридската архиепископија на половина пат. Единствено Вселенската патријаршија издава томос за автокефалност, а другите цркви тоа со почит го прифаќаат“, вели г.г. Стефан во интервјуто за „То вима“.

Тој верува дека примерот на СПЦ ќе го поддржат и останатите сестрински православни цркви.

На Педесетница во Вселенската патријаршија ќе се одржи заедничка литургија на вселенскиот патријарх до поглаварот на МПЦ-ОА.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons