Мицкоски: Да се обединиме околу државните и националните интереси, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината
Денес можеби времињата се поинакви, но обврската е иста – потенцираше премиерот Мицкоски.
Да ја чуваме и да ја градиме државата. Да не дозволиме никој да ја понижува. Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 150 – годишнината од кревањето на Разловечкото востание во село Разловци, Општина Делчево. Во говорот тој повика на обединување околу државните и националните интереси, затоа што, како што кажа, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.
– Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсветата патека – патеката на слободата, рече Мицкоски.
Разловечкото востание, потенцира тој, не беше само оружен отпор туку будење на народната свест. – Тоа беше првиот силен крик на народот дека сака да живее свој на своето, достоинствено, слободно и исправено. Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее – нагласи премиерот Мицкоски.
Потсети дека тие луѓе немале држава зад себе, немале моќни армии и големи сили кои ќе ги заштитат, но имале нешто што е посилно од секое оружје – љубов кон татковината и вера дека нивната борба е праведна.
-И токму затоа Разловечкото востание денес не е само историски настан. Тоа е темел. Тоа е првата искра која подоцна ќе прерасне во големиот пламен на револуционерната борба, во Илинден, во Крушевската Република, во сите жртви и сите генерации кои ја носеле татковината во срцето – рече Мицкоски.
Историјата не е приказна затворена во учебници, таа е жива лекција, предупредување, завет, додаде тој.
– И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас – рече премиерот.
Затоа денес, од Разловци, потенцираше тој, мора гласно да кажеме дека оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. – Овој народ премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, идентитет и историја – истакна Мицкоски.
Според него, мора да извлечеме и поука од минатото. – Оваа земја најмногу страдала тогаш кога одвнатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата. Народот мора да биде внимателен кому му ја доверува иднината. Да не им верува на оние кои лесно се нудат за власт, а никогаш не покажале подготвеност да се жртвуваат за татковината. На оние кои пред народот зборуваат за патриотизам, а зад затворени врати даваат подароци и отстапки на тие што не ѝ мислат добро на државата – рече премиерот во обраќањето во Разловци.
Потсети дека историјата нè научила дека државата не се губи одеднаш, туку дека таа се губи чекор по чекор, кога некој ќе почне да се откажува од достоинството, од вистината, од народот. – И затоа денес нашата обврска е да бидеме мудри, да бидеме будни и да не дозволиме никој повторно да ја продава како евтина политичка монета – потенцираше Мицкоски.
Оваа држава, рече тој, не е создадена со договори зад затворени врати туку е создадена со жртви, со крвта на комитите, револуционерите, илинденците и сите оние што низ вековите верувале дека слободата мора да постои.
– Ние сме малуброен народ по бројност, но народ со огромна душа. Народ кој поминал низ поделби, неправди, војни и негирања, а сепак опстанал. И затоа никој нема право да ја потценува силата на народот – рече тој.
Мицкоски потенцираше дека нашата генерација има должност да изгради држава која ќе биде достојна за жртвата на тие луѓе, држава во која младите ќе сакаат да останат, држава со правда, со ред, со економија која ќе отвора можности, држава која нема да живее од минатото, туку ќе ја гради иднината врз темелите на својата историја.
– Мора да се обединиме околу државните и националните интереси. Затоа што ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца – рече премиерот.
Кога ќе ги погледнеме овие планини и овие села, посочи тој, треба да се сетиме дека оваа земја опстанала затоа што секоја генерација имала луѓе кои биле подготвени да застанат во нејзина одбрана.
-Денес можеби времињата се поинакви, но обврската е иста – потенцираше премиерот Мицкоски.
Министерот за култура Зоран Љутков во својот говор истакна дека јунаците на Разловци не ја победија империјата, но ја победија тишината.
– Да не постеоја малите и неуспшни востанија, немаше да постојат ни големите победи. Разловци е токму такво село, кое пред век и половина се осмели да разговара со вечноста, рече Љутков.
Народ што ја чува сопствената меморија, потенцираше тој, ја чува и својата иднина.
За реконструирање на Спомен домот на Разловечкото востание се вложени околу дваесет милиони денари.
Градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски во својот говор најави дека ќе биде поднесена граѓанска иницијатива Разловци да биде заштитена историска целина, а 19 мај да биде прогласен за неработен ден.
На одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание бројни делегации положија свежо цвеќе пред реконструираниот Спомен домот на Разловечкото востание. (МИА)



