Вардар со стил се врати на тронот, го победи Пелистер за заверка на круната
Вардар со убедливи 34-19 го прегази Пелистер и ја прекина зелената доминација во домашното првенство, црвено-црните повторно се шампиони на Македонија.
Во прекрасна атмосфера во СЦ „Јане Сандански“, Вардар со доминантна игра го понижи својот најголем ривал, Пелистер и ја завери шампионската титула.
На вардарци денеска им беше потребно само да не загубат, во мечот влегоа максимално мотивирани и му одржаа ракометна лекција на досегашниот шампион.
Натпреварот почна изедначено, Вардар постојано водеше, но Пелистер беше блиску. Беше 9-8 кога црвено-црните почнаа да се одлепуваат и да прават разлика, на одморот се замина со дотогаш највисоки шест разлика, 18-12.
Во вториот дел Пелистер не можеше да даде гол цели десет минути, тогаш го постигнаа првиот гол, во меѓувреме Вардар ја зголемуваше предноста. Конечниот резултат гласеше 34-19.
Најефикасен беше Митровиќ со осум голови, Малус постигна шест, Лазаревски пет, кај Пелистер Кузмановски и Радивојевиќ постигнаа по пет.
Ова е 17. шампионска титула за Вардар, црвено-црните од наредната сезона се враќаат во Лигата на шампионите.



