Голови паѓаа само од пенал, реми на Атлетико и Арсенал во првиот полуфинален меч во ЛШ
Атлетико Мадрид и Арсенал одиграа реми 1-1 на „Ванда Метрополитано“ во првиот полуфинален натпревар од Лига на шампиони.
За разлика од вчерашниот спектакл меѓу ПСЖ и Баерн (5-4), овој натпревар донесе многу повеќе тактичко надмудрување и мал број вистински шанси. Двете екипи беа внимателни, а во првото полувреме заканите доаѓаа само повремено.
Арсенал дојде до предност во самата завршница од првиот дел кога Виктор Ѓокереш изнуди пенал и самиот го реализираше за 0-1. Во второто полувреме, составот на Диего Симеоне ја презеде контролата и постојано вршеше притисок. Израмнувањето пристигна во 56. минута кога Хулиан Алварез беше прецизен од белата точка и ги постави конечните 1-1.
Најблиску до пресврт беше Антоан Гризман кој одлично шутираше по нафрлување, но ја погоди пречката, а две зрели шанси имаше и Адемола Лукман. Арсенал и покрај подредената улога во вториот дел имаше можност повторно да добие пенал, откако Езе падна во шеснаесетникот. Судијата Дани Макели првично покажа на белата точка, но по интервенција од ВАР ја преиспита одлуката и го поништи пеналот.
Патникот во финалето ќе се решава во реваншот кој се игра во Лондон следниот вторник.



