МакедонијаНајново

Стојанче Јовановски се бранеше со компромитирање на сведокот на трагичниот ден

Со компромитирање на сведокот Мартин Саздов се бранеше на денешното рочиште Стојанче Јовановски, кој е обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, како и за кривичните дела нанесување телесни повреди како резултат на семејно насилство и загрозување на сигурноста. Јовановски во своето сведочење тврдеше дека односите со неговата сопруга биле нормални се до 2022 година кога за прв пат се посомневал дека Ивана го изневерува, а ескалирале откако дознал за нејзината врска со Саздов.

„Мартин Саздов извади калашников го впери кон мене и ми кажа дека ќе ме убие. Јас му ја фатив цевката и му кажав да пука и уште го имам белегот на левото рамо од што ме удри со цевката“, рече Стојанче Јовановски.

Ивана потоа поднела барање за развод со кое Јовановски се согласил, но според неговите зборови, потоа таа се премислила, но и било страв да му каже на Саздов за да не му направи нешто лошо на нејзиниот сопруг.

„Во разговорите меѓу мене и Ивана кои се уште ги има во мојот телефон пишува дека Мартин Саздов и се заканува на Ивана дека ако повторно не видел заедно дека ќе ме убиел, ќе ми го демолирал станот, ќе ми ја запалел колата, дека ќе ми подметнал дрога во колата за да се ослободи од мене“, рече Стојановски.

Јовановски тврди дека Саздов ја подметал дрогата во неговиот автомобил со помош на Ивана на која и се заканувал и уценувал со видеа со експлицитна содржина. На трагичниот ден призна дека ја удрил Ивана пред работното место во знак на револт, а дека по пат накај Кривичниот суд каде требало да се пријави бидејќи имал мерки на претпазливост ја удрил Саздов. За пред судот, Јовановски кажа дека замавнал со раката кон Ивана ама не се сеќава дали ја удрил. Ја оставил Ивана сама со Катја во станот, бидејќи детето се вознемирило, по што таа му се јавила преку видео со ќерка и во раце и потоа слушнал силен тресок.

Обвинителката Адела Бојчевиќ изјави дека целиот исказ на Јовановски го гледаа како обид за негово прикажување како жртва наместо како сторител.

„Тоа е очигледен обид да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар наспроти сите материјални и вербални докази што ги изведе Обвинителството. Психолошкиот наод и мислење во однос на психолошките карактеристики на Стојанче утврдува дека тој има изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината во насока на себезаштита и префрлање на било каква одговорност на други лица и минимизирање на сопственото однесување и личната одговорност која тој би ја почувствувал“, рече обвинителката Адела Бојчевиќ.

Во однос на обвинувањата на Јовановски за Саздов обвинителката информира дека докази за такво нешто нема, а за случајот со дрогата е надлежен друг обвинител. Сведочеа и две вешти лица  кои потврдија дека Ивана имала повреди на брадата и вратот кои биле резултат на насилство.

„Наведените крвни подливи во десната страна од брадата според нивниот изглед се најверојанто настанати под дејство на притисок со врвот на прстите. Се мисли на повреди настанати на денот на настанот или евентуално ден пред тоа“, рече вештото лице Ана Ивчева.

Во крвта на Јовановски пак имало траги од кокаин и дијазепам.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons