Актуелно

Мицкоски: Набавени се 100 нови возила за Македонска пошта во вредност од околу 2 милиони евра

„Почитувани граѓани,

Почитувани вработени,

Почитувани претставници на медиумите,

Денес зборуваме за една важна инвестиција која не значи само нови возила, туку значи нов почеток, нова енергија и нова функционалност за еден систем кој со години беше оставен да се справува сам со предизвиците.

 Владата преку Министерството за транспорт реализираше набавка на 100 нови возила за потребите на Македонска пошта, финансиските детали веќе ги слушнавте од потпретседателот на Влада и министер за транспорт

Ова не е случајна одлука. Ова е одговор на реална потреба. Просечната старост на возилата со кои досега работеше Македонска пошта е околу 15 години.

Тоа значи застарена опрема, чести дефекти, зголемени трошоци и намалена ефикасност.
Тоа значи доцнење на пратките, незадоволство кај граѓаните и намалена доверба на системот.

Ние решивме да ставиме крај на тоа.

Оваа набавка е дел од поширока стратегија-  да ги обновиме институциите, да ги модернизираме јавните услуги и да ги направиме функционални за граѓаните. Затоа што институциите постојат за да служат, а не да бараат оправдувања.

Со новите возила, Пошта ќе може побрзо, поефикасно и посигурно да ги доставува услугите до секој граѓанин, до секое населено место, до секоја компанија. Ќе се намалат трошоците за одржување, ќе се зголеми продуктивноста, а услугата ќе стане поквалитетна.

Но, ова е само почеток.

Во рамки на Планот за раст, работиме на конкретни мерки со кои ќе ја зголемиме конкурентноста на нашата пошта. Нашата цел е јасна- да создадеме современа, ефикасна и одржлива институција.

Предвидуваме подобрување на ефикасноста во испораката на услугите и намалување на трошоците за најмалку 15 проценти. Истовремено, работиме на подобрување на индикаторите за профитабилност, исто така за околу 15 проценти. Тоа значи подобро управување, подобра организација и подобри резултати.

Ова е разликата помеѓу зборови и дела. Помеѓу ветувања и реализација.

Затекнавме систем кој долго време функционирал со минимални инвестиции, со застарена опрема и со нарушена ефикасност. Денес, чекор по чекор, го враќаме во функција. Го нормализираме. Го модернизираме. И го подготвуваме за иднината.

Македонска пошта мора повторно да стане сервис на кој граѓаните ќе му веруваат. Институција која ќе биде партнер на бизнисите. Систем кој ќе може да одговори на современите предизвици, особено во времето на дигиталната трансформација и раст на електронската трговија.

Ние не ветуваме лесен пат. Но ветуваме работа, посветеност и резултати.

Затоа што доаѓа времето кога институциите ќе работат за граѓаните.

Доаѓа времето кога државата ќе испорачува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons