МакедонијаНајново

Обвинение за даночната афера тешка 6,5 милиони евра — замрзнат имотот на водачот во Србија

Големата даночна измама во која беа вмешани и вработени во Управата за јавни приходи, бизнисмени, српски државјанин резултираше со обвинение и обвинителен предлог против вкупно 21 лице и четири фирми.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение до Кривичниот суд и ги товари обвинетите за повеќе кривични дела меѓу кои даночно затајување, злосторничко здружување, перење пари, односно дека го оштетиле буџетот за 6,5 милиони евра.

Според обвинението, во 2023 година била создадена група која ја предводел српски државјанин и сопственик и управител на две фирми и двајца службеници од Регионалната дирекција на УЈП – Скопје. Следните две години на групата и се приклучиле и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија.

-Првообвинетиот, со намера да одбегне целосно или делумно плаќање данок како давачка на која бил законски обврзан, во годишните даночни биланси доставени до Управата за јавни приходи, дал лажни податоци за своите приходи и за приходите на правните лица. Двајцата службеници вработени во УЈП, давајќи му совети и упатства и отстранувајќи ги пречките за извршувањето, со умисла му помогнале во извршување на кривичното дело Даночно затајување.

На тој начин во име и за сметка на кривично одговорните правни лица, првообвинетиот не пресметал и не платил данок од значителна вредност во вкупен износ од 16.782.519 денари. Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со цел неосновано да побараат враќање на данок во име и за сметка на нерезидентни прави лица што немаат седиште во РСМ, но плаќаат ДДВ за услуги остварени во земјата, го довеле во заблуда даночниот орган давајќи лажни податоци во поднесените даночни пријави, за враќање на данокот на додадена вредност во име и за сметка на правните лица со што го оштетиле буџетот во износ од 33.620.551 денари.

Дополнително, во истиот период, дел од обвинетите со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства во вкупен износ денари 401.227.898 денари – соопшти обвинителството.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons