Првпат по три децении на ЗОИ немаше допинг скандал
Потврдено е дека ниту еден тестиран спортист на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Италија не бил позитивен на допинг, тоа се случува првпат по 28 години.
На изминатата зимска Олимпијада која се одржа од 6 до 22 февруари, биле собрани повеќе од 3.000 примероци од речиси 2.000 спортисти, а анализите покажале дека никој од нив не бил позитивен на недозволена супстанца.
Ова се првите Зимски олимписки игри по оние во Јапонија во 1998 година на кои нема позитивен допинг тест за време на самото натпреварување. Сепак, фактот што досега нема позитивни резултати не значи дека такви нема да се појават и во иднина.
Примероците од спортистите се чуваат во период од 10 години, со цел да се овозможи дополнително тестирање кога ќе се појават нови, понапредни методи.
Тоа значи дека сè уште е рано Игрите во Италија да се прогласат за „најчисти“ во историјата.



