Актуелно

Над 1,14 милијарди евра „свртени“ на пазарот на недвижности: Расте вредноста, иако се продаваат помалку станови

Пазарот на недвижности во Македонија во 2025 година бележи раст и стабилност, со вкупно реализирани 33.381 трансакции во вредност од околу 1,14 милијарди евра. Ова го истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности во објава на социјалните мрежи, повикувајќи се на Годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини.

Според извештајот, бројот на трансакции е зголемен за 7,6 проценти, додека вкупната вредност на пазарот пораснала за 12,9 проценти. Истовремено, иако бројот на продадени станови бележи пад од 3,9 проценти, нивната вкупна вредност е зголемена за 10,8 проценти, што укажува на континуиран раст на цените.

Становите и натаму доминираат на пазарот, учествувајќи со 33 проценти од вкупниот број трансакции и дури 48 проценти од нивната вредност. Урбаните центри остануваат главен двигател на пазарните движења, при што најактивни се општините Центар, Аеродром и Карпош. Највисоката просечна цена е регистрирана во Центар, каде квадратен метар достигнува 1.692 евра.

Покрај купопродажбите, значителен раст бележи и пазарот на закупи. Во 2025 година се реализирани 9.911 договори за закуп, што претставува зголемување од 17 проценти, со вкупна месечна вредност од околу 4 милиони евра. Особено се издвојува растот кај деловните простори, каде закупнините се зголемени за 24 проценти.

Извештајот нотира и неколку рекордни трансакции, меѓу кои стан во Аеродром продаден за 166.500 евра, куќа во Центар со вредност од 1,5 милиони евра и деловен простор во истата општина продаден за 6,8 милиони евра.

Генералната оценка од анализата е дека пазарот на недвижности е активен, стабилен и атрактивен за инвестирање, со јасна доминација на урбаните средини и зголемен интерес за изнајмување.

Годишниот извештај, кој е јавно достапен на веб-страницата на Агенцијата за катастар на недвижности, дава сеопфатен преглед на состојбите и трендовите на пазарот, базиран на официјални податоци за купопродажби и закупи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons