Браната Отиња влегува во завршна фаза, Истокот ќе добие рекреативно вештачко езеро
До април наредната година целосно ќе биде изградена браната на река Отиња. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, при увидот во градежните работи на еден од капиталните проекти за развој на Штип.
„До денес имаме реализација на 70% од овој проект. Крајниот рок за реализација е април 2027 година, но доколку нè послужат временските услови, а тоа значи доколку имаме сува градежна сезона, можеби уште оваа година ќе го завршиме езерото. За да се наполни ќе биде потребна една година, што значи пролетта 2028-ма ќе имаме езеро, што навистина ќе е атракција и огромна работа“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.
Вкупниот буџет на проектот изнесува 488 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски. Досега се реализирани 311 милиони денари, а според вицепремиерот има доволно средства за проектот целосно да се заврши.
Браната, која долго време ја очекуваа штипјани, ќе го смени изгледот на градот и ќе придонесе за економски раст.
„Ќе влијае перспективно за развој на целиот овој потег наоколу. Ќе се развива туризам, ќе има можност за рекреација на граѓаните, но и на целиот Исток“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Браната на река Отиња е висока 34 метри и се наоѓа во непосредна близина на градот. Ќе обезбедува технолошка вода и заштита од поплави, а во втората фаза е предвидено и производство на електрична енергија.



