Избегната поголема катастрофа и разорна експлозија: Избил пожар во пречистителната станица во Кочанско, горел метан!
Синоќа во кочанското село Мојанци, само брзата интервенција на пожарникарите спречила експлозија од огромни размери. Имено, околу 20:30 часот, избил пожар на инсталацијата од системот за пренос на метан во локалната Пречистителна станица за отпадни води.
Според пишувањето на порталот Гласно.мк, огнот зафатил дел од цевките на системот, сериозно заканувајќи се да се прошири кон главниот резервоар.
На местото на настанот веднаш пристигнале екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Кочани, поддржани од доброволци.
Ангажирани биле четири противпожарни возила и 8 професионални пожарникари. Во гаснењето помогнале и членовите на Доброволното противпожарно друштво – Кочани. Пожарот бил локализиран навреме, со што е причинета само материјална штета.
Како што пренесува Гласно.мк, повикувајќи се на доброупатени извори, доколку пламенот стигнел до овој дел каде се собира гасот, последиците ќе биле катастрофални.
„Избегната е поголема катастрофа бидејќи било спречено проширување на пожарот на инсталацијата – балон каде се собирал метанот, што можело да предизвика експлозија од поголеми размери“, се наведува во објавата на порталот.
Надлежните служби допрва ќе ги утврдуваат причините кои довеле до палење на инсталацијата.



