Советот на јавни обвинители го дисквалификува Панчевски од трката
Советот на јавни обвинители донесе одлука да го отстрани Владимир Панчевски од постапката за избор на државен јавен обвинител, откако утврди дека не ги исполнува условите пропишани со Законот за јавно обвинителство.
Според законските одредби, кандидатот мора да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж во областа на кривичното право. Од Советот појаснија дека во конкретниот случај, на Панчевски му престанала функцијата пред 13 години, а во меѓувреме не извршувал ниту судиска ниту обвинителска должност. Поради тоа, неговиот претходен стаж не може да се смета за непрекинат во смисла на законот.
Со оглед на ваквата состојба, Советот оцени дека тој не ги исполнува законските критериуми и нема да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа во понатамошната постапка.
Владимир Панчевски претходно беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања, поврзана со злоупотреби на АКМИС-системот – електронскиот систем за автоматска распределба на предмети кај судиите.



