Македонија

АРМ се засили со нови 296 професионални војници

Во касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес каде е сместена Командата за обука и доктрини (КОД) денеска свечена заклетва дадоа 296 професионални војници од генерацијата 1- 2025, меѓу кои се и 26 девојки, кои се обучуваат три месеци во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) што е дел од КОД.

На денешната свеченост присуствуваше началникот на Генералштабот на Армијата  генерал-мајор Сашко Лафчиски и неговиот заменик и останатите генерали,  меѓу кои и домаќинот – команданот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини, министерот за одбрана Владо Мисајловски, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова и други високи претставници на Министерството за одбрана и на  Армијата, како и родители, роднини и пријатели на професионалните војници.

Министерот Мисајловски во своето обраќање потенцира дека често зборуваат за инвестирање во одбраната, за модернизација и опремување, за реконструкција на објектите за инфраструктира во Армијата, но денеска во касарната во Велес гледајќи ги новите професионални војници, новата енергија го гледа најважниот ресурс – пулсот на нашата одбрана.

„Денеска ја изговоривте заклетвата, ги изговоривте зборовите со кои исто како и илинденците и партизаните се заколнавте на една света обврска, дека ќе ја чувате и заштитите Македонија и сите наши сограѓани. Со давањето на свечената заклетва вие направивте суштинска исчекор во вашите животи. Тоа не се само зборови, туку ветување кое ве поврзува со народот и со татковината, дека токму вие ќе бидете штитот на државата“, им порача министерот Мисајловски.

Toj потенцира дека верува дека со целосна доверба влегуваат во институција која исто така верува во нив, но и очекува многу од нив.

„Очекувам вашите вредности и професионализам да ги надвладеат предизвиците на денешницата, очекувам ваш брз одговор кога треба да се помогне за време на природни непогоди или кога треба гордо да застанете рамо до рамо со нашите сојузници. Затоа држете се цврсто до вашата професионалност. Кога притисокот е голем – потпрете се на вашата обука. Кога ќе се соочите со предизвици – потпрете се на вашиот интегритет“, потенцира Мисајловски.

Воедно им вети дека заедно со Генералштабот продолжуваат да работат на подобрување на правата и условите за работа, со една цел, мотивирана и професионална Армија.

Началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски поздравувајќи ги младите професионални војници и честитајќи им ја свечено дадената обврска потенцира дека преку овој свечен чин тие денес пристапуваат кон Армијата, институција со најголема доверба меѓу граѓаните и членките на НАТО Алијансата.

„Да се биде дел од Армијата е привилегија, но и огромна одговорност. Како НАТО војници вие станувате дел од безбедносниот систем кој гарантира стабилност во светот. Пред вас се отвораат можности за постојано усовршување, учење од најдобрите, споделување на искуства и учество во меѓународни мисии каде ќе можете да ги демонстрирате вашите вештини и професнализам, како и да ја презентирате подготвеноста и посветеноста на македонските војници“, потенцира генерал-мајорот Лафчиски.

Тој им порача времето поминато на полигоните за обука и стрелиштата покрај за учење и усовршување да го искористат за градење на другарства и цврсти пријателства, бидејќи токму заедништвото, меѓусебната доверба и тимскиот дух се основата на силна и успешна Армија.

Свечено дадената заклетва на младите професионални војници им ја честита и командантот на Центарот за индивидуална обука, мајор Џунат Веџиоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons