16 февруари е „ДЕНОТ Д“ за поништената аболиција на Иванов – Ќе се врати ли поранешниот премиер Груевски дома?

Европскиот суд за човекови права во Стразбур за 16 февруари најави одлука за случајот со поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Предметот во Судот се води како „Талески и други против Северна Македонија“.

Во објавата на Судот се наведува дека „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија кој исто така е и албански државјанин (Темелко)“, при што се наведува дека сите живеат во Скопје, освен Талески во Битола и Темелко во Ресен.

Според објаснувањето на Судот, сите апликанти беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени.

„Повикувајќи се на член 6 став (право на фер судење), апликантите, освен Темелко, се жалат дека нивната осуда по аболицијата е кршење на законот, а одлуките за поништување на аболицијата се против принципот на правна сигурност поради нивното ретроспективно дејство. Освен тоа, Талески и Темелко се жалат дека според член 5 став 1 (право на слобода и безбедност) нивниот притвор бил произволен“, се додава во објаснувањето на случајот од Судот.

Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, кој пак му дава можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ пак, за ТВ24 предупреди дека постои и можност да застарат некои кривични дела додека тече времето на жалба во Стразбур.

– Државата требаше да забрза да добие одлука од судот во Стразбур, затоа што сега доаѓаме до една ситуација, ако добиеме ваква или онаква одлука ќе мора да почекаме жалба, но настапува и тече времето на застареност. Утре дел од кривичните дела ќе бидат застарени и тука завршува постапката без оглед на одлуката на судот во Стразбур – изјави Давидовиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons