Актуелно

За дозвола за градба во иднина ќе треба и доказ дали зградата има можност за приклучок на парно

Досега инвеститорот добиваше дозвола за градба со проект што предвидуваше греење на топлинска енергија, без да се земе предвид дали има техничка можност за приклучок за системот. Таков е случајот со згради во населбата Александрија, на пример, каде што жители во нови згради две години живеат без парно, затоа што топловодот на кој треба да бидат приклучени овие објекти, ЕСМ започна да го гради дури ова лето.

Објектите за колективно домување, односно зградите што ќе се градат на локации каде што има техничка можност за приклучок на парно, во иднина ќе треба задолжително да се проектираат и да се изградат со целокупната термотехничка инсталација на системот за централно греење.

Ова е предвидено со новите измени и дополнувања на Законот за градење, за кои по скратена постапка последниот збор треба да го кажат пратениците. Измени се предлагаат во член 9, 59 и 88 со кои прецизно се регулира ова прашање.

Како причини за измените на законот, чиј предлагач е министерот за транспорт Александар Николовски, се наведува дека во услови кога во градските средини се одвива забрзана градежна експанзија, неминовно е и ефикасното користење на енергијата и на топлинската заштита, како и воведувањето инсталации за снабдување со топлинска енергија чие вградување, меѓу другото, треба да придонесе и кон намалување на загадувањето на животната средина во текот на зимскиот период.

Поаѓајќи од проблемите во практиката со обезбедување на квалитетно и унифицирано снабдување со топлинска енергија на сите градби за колективно домување и станбено-деловните градби, а со тоа и овозможување стандард во модерното градско живеење кој ќе овозможи намалување на загадувањето во зимскиот период, неминовно се наметнува потребата од предложените измени како итни и неопходни – се образложува во предложениот текст.

Така, во членот 9 по постојниот став се додаваат уште седум нови става, кои ја регулираат оваа проблематика. Освен задолжителното проектирање и изградба на зградите со целосна инсталација за парно, се утврдува и дека инвеститорот треба да обезбеди известување од надлежниот оператор на систем за дистрибуција на топлинска енергија, дали постои или не можност за приклучок на системот за греење. Доколку постои таква можност, како што се наведува во новиот став 4 на овој член, инвеститорот е должен да обезбеди позитивно мислење за проектираната и изведената термотехничка инсталација од надлежниот оператор за дистрибуција на топлинска енергија во делот што се однесува на основниот проект. Потоа мислењето инвеститорот треба да го приложи со барањето за добивање одобрение за градење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons