Стојчевски: Одиме во Велс да победиме и да го обезбедиме второто место
Македонија вчера не успеа да ја победи Летонија во пријателски натпревар, мечот заврши 0-0, но она најважното за нас допрва следува, тоа е мечот против Велс, последен од квалификациите за Светското првенство.
Против Велс во Кардиф ги завршуваме квалификациите, тоа ќе биде директен дуел за пласман на второто место во групата што би ни донело веројатно полесен противник во полуфиналето од баражот за Мундијалот. Доколку не бидеме втори, ќе бидеме влечени од последниот шешир бидејќи во тој случај во баражот би се пласирале преку Лигата на нации.
Стоперот Андреј Стојчевски жали што Македонија не успеавме да ја победиме Летонија, но верува во триумф над Велс.
„Секако, постои разочараност во нашиот табор затоа што не победивме вечерва, бидејќи на секој меч одиме на победа. Теренот е ист и за двете селекции така што не треба да служи како изговор. Во дефанзивата добро функциониравме, сепак ни недостигаше тој гол, таа офанзива. Ништо, што е тука е, одиме во Велс да покажеме што знаеме, да покажеме дека ништо не е случајно, да победиме и да го обезбедиме тоа второ место во групата. Атмосферата во националниот тим е добра и како што реков, одиме на победа во Кардиф. Се надевам дека ќе се вратиме со три бода”,изјави Стојчевски.



