Нема калкулации против Летонија, Македонија оди на победа
Македонската фудбалска репрезентација утре со почеток од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје игра пријателски натпревар против селекцијата на Летонија.
И покрај тоа што овој натпревар е пред важниот квалификациски дуел против Велс, селекторот Благоја Милевски вели дека утре ќе одиме на победа и нема да се штедиме.
„Против Летонија нема да се штедиме бидејќи имаме пет дена одмор до мечот со Велс. Кога игра Македонија нема простор за штедење и калкулација, сите кои ќе играат ќе го дадат максимумот и ќе се обидеме да извлечеме колку што е можно повеќе и на физички и на тактички план. Има работи кои сакам да ги видам утре, пример како стоиме на физички план, сакам да видам на кое ниво сме, резултатот ќе биде важен, секако“, вели Милевски.
„Победа секогаш носи поголема самодоверба за следниот натпревар, но секогаш ја гледаме пошироката слика и тоа како Македонија треба да изгледа не само против Летонија туку и во наредниот период. Колку и да личи како излитена фраза, секој следен натпревар е најважен“.
„Додека сум јас секогаш акцентот ќе биде на тимот, секогаш имаме варијации, дали во напад или во одбрана, но секогаш мора да бидеме конкурентни на високо ниво. Не смееме некаде да сме послаби, а некаде подобри, сите позиции треба да бидат со висок квалитет. Ме радува што сме константни, што немаме осцилации веќе подолг период и тоа е правецот кон кој треба да се движи Македонија“.
На утрешниот меч Милевски нема да смета на Атанасов и Муслиу поради повреди.
„Се уште не знам дали денеска ќе тренираат сите, ќе имаме појасна слика после тренингот. Сигурно е дека Атанасов и Муслиу нема да конкурираат за утрешниот меч, се надевам дека сите останати ќе бидат подготвени“, вели селекторот.
Слично размислува и Дарко Чурлинов кој најавува игра на победа и максимум од него и останатите играчи.
„За нас не постои пријателски натпревар, секој следен меч за Македонија е приоритет, атмосферата е супер, имаме шанса благодарение на селекторот да ја претставуваме Македонија на ова ниво. Се надевам дека договореното ќе го покажеме на теренот. Најважно е да влеземе како треба против Летонија, секоја победа носи самодоверба и важно е да се триумфира“, вели Чурлинов.



