Мбапе е третиот фудбалер на Реал кој ја добил „Златната копачка“
Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе денеска ја доби „Златната копачка“ за најдобар стрелец во Европа во сезоната 2024/25.
По една деценија, „Златната копачка“ се враќа на „Сантијаго Бернабеу“, оваа престижна индивидуална награда за најдобар стрелец попладнево му беше доделена на Килијан Мбапе.
Французинот стана само третиот играч на Реал Мадрид, по Уго Санчез (38 погодоци во 1989/90) и Кристијано Роналдо (48 погодоци во 2014/15) кој ја заврши сезоната како најдобар голгетер во Европа.
„Задоволство е да се добие „Златната копачка“. Ви благодарам на сите. Ова е многу важен момент за мене, прв пат стигнувам до ова признание. Ми значи многу. Морам да им се заблагодарам на сите соиграчи кои ми помогнаа да ја прикажам најдобрата верзија од мене. Сакам да им се заблагодарам и на луѓето од лекарскиот тим и на целиот персонал“ – рече Килијан Мбапе.
„Многу сум среќен и сакам да продолжам да испишувам историја. Постигнав 31 погодок… оваа сезона ја започнав многу добро, па се надевам дека ќе ја освојам оваа награда и следната сезона!“
ФОТО: X/Real Madrid C.F.



