Бошковска: Покажавме карактер и успеавме да испишеме историја за македонската одбојка
Македонскиот одбојкарски шампион во женска конкуренција, Јанта Волеј направи историски успех откако мина едно квалификациско коло во Лигата на шампионите и дојде на една пречка до главната фаза во елитното натпреварување, а лидер во овој успех беше нашата репрезентативка, Мери Бошковска.
Јанта Волеј двапати го победи босанскиот тим Гацко кој влезе како фаворит во оваа пресметка. Одбојкарките на македонскиот тим со борбена и пожртвувана игра и со многу желба направија голем успех.
Мери Бошковска беше најдобрата одбојкарка и на двата натпревари, таа скромно своето признание го дели со својот тим.
„Многу ме радува големата победа над Гацко и на гостински терен, и пласманот во следнатa рунда од квалификациите за Лигата на шампионите. Чест ми е што бев прогласена за најкорисен игрaч и на двата натпревари. Иако се работи за индивидуална награда, јас на неа гледам како признание за целиот тим, за нашата борбеност, пожртвуваност и истрајност. Покрај осцилациите во играта и тешките моменти со кои се соочивме, покажавме карактер и успеавме да испишеме историски успех за македонската женска клупска одбојка“,изјави Мери Бошковска за страната на Одбојкарската федерација на Македонија.


 
							 
							 
							
