МакедонијаНајново

Волонтери од Македонија, Колумбија и Чешка исчистија цела шума близу Штип

Луѓе, што направивме? Урнат е рекордот! Најголемата акција до сега со повеќе од 130 волонтери и повеќе од 400 ќеси ѓубре!, напишаа членовите на За почиста Македонија на својот јутуб канал објавувајќи видео на кое се гледа како ја чистат Мирјанина шума близу Штип.

„Благодарение на сите вас! Кога не чекаме на празни ветувања од политичари и ја преземаме одговорноста во наши раце, со моќта на заедницата, убави работи се случуваат!“, велат од За почиста Македонија.

„Мислам дека ако не ја исчистиме шумата сами, никој не ќе ја исчисти за нас. Затоа е важно да го направиме тоа“, вели Валерија волонтерка во акцијата.

Собрани околу  иницијатива на За почиста Македонија, над 130 доброволци од Штип, Скопје, Куманово, Велес, од Колумбија и од Чешка, заедно ја претворија шумата од депонија во излетничко место за уживање во природа.

„Многу често го слушам муабетот од многу млади дечки низ градот дека сите фрлаат отпушоци од цигари и дека нивниот нема да направи разлика. Но, во реалноста, токму тој пикавец и тој менталитет на човекот штети. Затоа треба да биде конструктивен и продуктивен, тоа е тоа што ќе направи целата промена“, вели Емил еден од учесниците во акцијата за чистење на шумата.

За Дарко од невладината Еквинокс оваа акција има едукативен карактер за подигање на свеста со надеж дека ќе дојдеме до степен дека нема да има потреба да се чистат местата туку дека ќе ги одржуваме чисти.

За волонтерката Кате оваа акција е можност и за дружба.

„Сум била на повеќе акции со За почиста Македонија и секогаш сум си поминувала убаво, затоа што освен чистењето има и музика и дружба и секогаш се запознавам со нови убави луѓе што ми ја враќат мотивацијата“, вели волонтерката Кате.

За Матеј нема дилема дека ѓубрето му смета секому.

„Секаде низ Македонија е полно со ѓубре и реално, треба да си ја чуваме природата. Наместо да дојдеме тука да уживаме, ние сме дојдени тука да го исчистиме сето ова, бидејќи на секого му смета вакво нешто“, вели волонтерот Матеј.

Волонтерката Ирина е уверена дека чистењето на природата е пред сѐ за себе.

„Еве на пример, си имаш некое место кај што сакаш да седиш, зошто да не исчистиш, зошто да е валкано“, прашува Ирина.

Милена пак, вели дека со ваквите акции се праќа силна порака.

„Сметам дека е многу важно да се организираат вакви акции зошто со тоа праќаме порака за да можеме како општество да се заштитиме, преку природата и себе си“, вели Милена.

Токму затоа, потенцираат од За почиста Македонија, сите учесници во акцијата се херои.

„Кога ќе видиш какво било кога си дошол и кога ќе го видиш крајот, буклвално се чувствуваш како херој. Така што сите што сме овде денеска, сите сме херои“, вели волонтерката Алекс.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons