Милевски: Почит за Белгија, но ние си го живееме нашиот сон
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација верува дека само со натпревари како овој против Белгија можеме да напредуваме како репрезентација.
Македонија утре (петок) со почеток од 20:45 часот гостува на Белгија во исклучително важен натпревар за пласман на Светското првенство.
„Можеби ни недостасуваат ваков тип на натпревари повеќе, но со пласманот во Б сегментот од Лигата на нации ќе ги имаме. Од таа страна сите контролни натпревари кои ги закажувавме беа со таа цел — да се навикнеме на противници како Белгија, кои се на врвот на европскиот фудбал. Само така можеме да напредуваме и да ја оствариме нашата цел, да бидеме на подолг период конкуренти со вакви репрезентации“, изјави Милевски, на денешната прес-конференција.
„Момците се тие што имаат големо искуство во репрезентативниот дрес, покажале и во минатото дека имаат квалитет да бидат рамо со рамо со најдобрите во Европа. Имаме пласман на младинско Европско, имаме и на сениорско, но меч како меч не мора да значи ништо. Максимален респект за Белгија, која е главен фаворит во нашата група, но ние си го живееме нашиот сон се уште и се надевам дека ќе останеме конкурентни во овие квалификации“.
„Чест ми е што работам со овие момци, секогаш го даваат максимумот, никогаш не се штедат и секогаш се на раб на максимум. Немам друг збор освен дека задоволството е мое што сум нивен селектор“, заклучи Благоја Милевски пред утрешниот натпревар во Брисел.