Трамп од 10 универзитети побара да потпишат договор ако сакаат федерални пари
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп побара од американските универзитети да потпишат договор што содржи утврдени услови за добивање повластен пристап до федерални средства, објави Волстрит џурнал, повикувајќи се на меморандум од 10 точки.
Документот ги повикува универзитетите да ја забранат позитивната дискриминација врз основа на раса или пол при вработување или запишување студенти, да ја замрзнат висината на школарината пет години, да го ограничат уписот на меѓународни студенти на додипломски студии на не повеќе од 15 проценти и да ја ограничат инфлацијата на оценките.
Откако повторно ја презеде Белата куќа, Трамп се закани дека ќе го намали финансирањето на универзитетите поради конфликти околу низа прашања како што се пропалестински протести на кампусите, трансродови политики, климатски иницијативи, програмите за разновидност, еднаквост и вклученост (ДЕИ) и друго.
Овој потег предизвика загриженост кај застапниците на човековите права во врска со слободата на говорот и академската слобода. Тие предупредуваат дека зад него стојат обиди универзитетот да се покори на политичката агенда на републиканскиот претседател. Од друга страна, Трамп тврди дека универзитетите негуваат „антиамерикански вредности“.
Според Волстрит џурнал, таков договор досега е испратен на адресите на девет универзитети: Вандербилт, Дартмут, Пенсилванија, Јужна Калифорнија, МИТ, Тексас, Аризона, Вирџинија и Универзитетот Браун. Доколку го потпишат, им се нудат „бројни бенефиции“, вклучувајќи „значајни федерални грантови“. Високата советничка на Белата куќа, Меј Мејлман, им изјави на новинарите дека администрацијата на Трамп очекува универзитетите да ја сметаат понудата за „разумна“.