Свет

Енвидија вложува 100 милијарди долари во ОпенАИ 

Американскиот произведувач на чипови Енвидија ќе инвестира до 100 милијарди долари во компанијата за развој на вештачка интелигенција ОпенАИ, а планот вклучува снабдување со чипови за центри за податоци, објавија двата технолошки гиганти.

Овој потег ги одразува сè поизразените заеднички интереси на технолошките компании кои развиваат напредни системи за вештачка интелигенција. Договорот ќе ѝ даде на Енвидија финансиски удел во ОпенАИ, важниот клиент на компанијата, забележува „Ројтерс“.

Инвестицијата на Енвидија ќе му обезбеди на ОпенАИ пари и пристап до софистицирани чипови кои ѝ се потребни за да ја одржи својата доминантна позиција во секторот во кој има сè пожестока конкуренција.

Договорот вклучува две одделни, но поврзани трансакции, изјавил за Ројтерс извор близок до ОпенАИ. Откако ќе се склучи договорот, Енвидија ќе почне да инвестира во акциите без право на глас на ОпенАИ, а потоа ОпенАИ ќе може да ги користи тие пари за да купува чипови на Енвидија, објаснил изворот.

„Компјутерската инфраструктура ќе биде основата на економијата на иднината, а ние ќе го користиме она што ќе го градиме со Енвидија за нови откритија во областа на вештачката интелигенција“, кажа извршниот директор на ОпенАИ Сем Алтман.

„Енвидија и ОпенАИ се поттикнуваат едни со други десет години, од првиот суперкомпјутер ДГХ до пресвртницата што ја донесе ЧетГПТ“, истакна основачот и извршен директор на Енвидија Јенсен Хуанг во соопштение за медиумите, а партнерството во инвестициите и инфраструктурата означува „нов голем чекор“, додаде Хуанг.

Компаниите потпишаа писмо за намери според кое ОпенАИ ќе користи системи на Енвидија со моќност од најмалку 10 гигавати во своите центри за податоци за вештачка интелигенција. Деталите за соработката треба да бидат финализирани во следните неколку недели.

Чиповите ќе трошат исто количество енергија како повеќе од осум милиони американски домаќинства, забележува Ројтерс.

Според условите на договорот, по конечниот договор за купување на системот, Енвидија првично ќе инвестира 10 милијарди долари во ОпенАИ, според извор запознаен со ситуацијата.

Вредноста на ОпенАИ, според најновите проценки, е 500 милијарди долари.

Енвидија ќе почне да испорачува хардвер за ОпенАИ кон крајот на 2026 година, а првиот гигават компјутерска моќ ќе биде инсталиран во втората половина од таа година, на платформата Вера Рубин, која моментално е во фаза на развој.

Договорот помеѓу Енвидија и ОпенАИ е најновиот во низата договори што големите играчи во технолошкиот сектор ги склучија во последно време.

Мајкрософт инвестира милијарди долари во ОпенАИ од 2019 година, а минатата недела Енвидија објави соработка со Интел во дизајнот на чипови за вештачка интелигенција, со планирана инвестиција од пет милијарди долари. Во октомври 2023 година, производителот на чипови учествуваше во набавувањето на 6,6 милијарди долари капитал за ОпенАИ, потсетува Ројтерс.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons