Израелците ја преземаат контролата врз поголемиот дел од Газа
Во последните 24 часа, израелските тенковски единици влегоа во неколку населби во Газа, вклучувајќи ги западните делови на градот, како и областите во јужниот дел на Газа.
Густ чад, гранатирање, експлозии и рафали од огнено оружје може да се слушнат низ целиот град, објавува Си-ен-ен.
Израелските сили сега се во областа „Плажен камп“ во западна Газа и во близина на Исламскиот универзитет во јужна Газа.
Додека ја преземаат контролата врз поголемиот дел од градот Газа, израелските единици од далечина детонираат оклопни возила полни со експлозиви за да урнат згради, според видеата и сликите геолоцирани од Си-ен-ен.
Според израелската војска, Хамас користи цивилни згради како бази за заседа, складишта за оружје, командни центри и влезови во подземни тунели.
Израелски беспилотни летала и хеликоптери се постојано присутни над градот. Според локалните жители, експлозиите биле „како земјотреси“.
„Секоја експлозија во последните денови буквално ни ја тресе земјата под нозете. Не фигуративно – буквално“, рече портпаролот на општина Газа, Асем Алнабих.
Израел претходно ги повика жителите на Газа да го напуштат градот.
Израелската армија тврди дека 640.000 луѓе го напуштиле градот Газа, но овие бројки не се независно потврдени. Се уште се верува дека десетици илјади цивили се наоѓаат во градот без можност за евакуација.