Македонскиот зелник на 11-то место во светот на листата на најдобри печива
Гастрономската платформа TasteAtlas ја објави својата листа на најдобрите печива во светот, каде македонскиот зелник се најде на впечатливо 11-то место, со висока оценка од 4,4. На самиот врв на листата се најдоа мантиите од српскиот град Нови Пазар, додека на второто место е босанскиот бурек.
Во официјалното објаснување, TasteAtlas ја опишува македонската традиционална пита:
„Зелник е традиционална македонска пита која може да се подготви со најразлични состојки – сирење, спанаќ, јајца, месо, праз или зелка. За најдобар резултат, зелникот пред печење се премачкува со путер и масло, за да добие златно-кафеава кора.“
Дополнително, експертите од TasteAtlas препорачуваат зелникот да се служи топол и да се комбинира со чаша јогурт за целосно гурманско доживување.