Франс прес: Во Србија демонстрациите прераснаа во конфликти
Политичката криза и демонстрациите што ја тресат Србија со месеци се претворија во судири меѓу демонстрантите и поддржувачите на владејачката партија на претседателот Александар Вучиќ, Српската напредна партија, со нови сцени на насилство синоќа, пишува агенцијата Франс прес.
Демонстрантите синоќа ги оштетија просториите на Српската напредна партија (СНС) во Нови Сад, за време на новите собири организирани во околу триесет градови, по судирите претходната вечер во кои беа повредени десетици, додава француската агенција.
Агенцијата пишува дека демонстрантите ги скршиле прозорците на просториите на СНС, а потоа фрлале јајца и боја по фасадата, повикувајќи се на снимките од приватната телевизија Н1.
Франс прес додава дека повеќето од младите мажи кои учествувале во тоа насилство носеле качулки, и дека во тие простории немало поддржувачи на СНС и дека полицијата не интервенирала.
Во Белград, објавува Франс прес, демонстрантите се собрале пред седиштето на владата и Генералштабот пред да се приближат до просториите на СНС, но голем полициски кордон за разбивање демонстрации ги држел на растојание.
По синоќешните демонстрации, двете страни се обвинија меѓусебно дека сакаат да започнат граѓанска војна, наведува Франс прес.
Агенцијата ги цитира зборовите на министерот за полиција Ивица Дачиќ дека синоќа биле повредени повеќе од 70 граѓани, 27 полицајци и седум припадници на елитната воена единица „Кобра“, која е задолжена за заштита на највисоките политички лидери. Тој, исто така, на зборовите на Дачиќ додава дека околу педесет лица се приведени.
Франс прес потсетува дека демонстрациите редовно се одржуваат во оваа „балканска земја“ од ноември 2024 година, кога падна стреата на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, а демонстрантите брзо ја обвинија корупцијата за несреќата.
Претседателот на земјата, Александар Вучиќ, не е официјално лидер на партијата, истакнува Франс прес и додава дека Вучиќ ги обвини демонстрантите дека во средата нападнале активисти на СНС и ветил дека ќе има строга казна за насилните демонстрации. Тој, исто така, ги пренесува зборовите на Вучиќ дека ќе ја спречи нивната желба да ја водат земјата во граѓанска војна.
Од друга страна, студентите кои го предводат протестното движење велат спротивното, односно дека владата се обидела да предизвика граѓанска војна претходната ноќ и ја обвинуваат полицијата дека ги „заштитува“ поддржувачите на СНС кои фрлале камења и пукале со пиротехнички средства кон демонстрантите.
Сите студентски демонстрации досега беа претежно мирни, се одржуваа низ целата земја, а понекогаш собираа и по неколку илјади луѓе, пишува агенцијата.
Владата беше реконструирана под притисок, премиерот беше сменет, а неколку поранешни министри беа приведени или обвинети, додава агенцијата.
Од мај, потсетува Франс прес, демонстрантите бараат предвремени избори, што претседателот Вучиќ го одбива, посочувајќи на странски заговор кој сака да ја собори сегашната влада.
Франс прес, исто така, наведува дека група експерти формирана од Високиот комесар на ОН за човекови права ги повикала српските власти да го прекинат она што го опишале како зголемена репресија врз активистите.