„Можеби ќе го направам тоа, можеби и не“: Трамп размислува да ги вклучи САД во израелските напади врз Иран
Доналд Трамп одговори „Можеби ќе го направам тоа, можеби и не“, кога беше прашан дали САД ќе се приклучат во израелските напади врз Иран.
Кога беше прашан пред Белата куќа за можна вмешаност на САД во Иран, американскиот претседател Доналд Трамп одговори: „Можеби ќе го направам тоа, можеби и не. Никој не знае што сакам јас да направам“.
Претседателот, исто така, рече дека преговарачите на Иран сугерирале дека „можеби ќе дојдат во Белата куќа“ – и тој рече дека тоа е тешко.
Трамп повторно повика на „безусловно предавање“ на Иран.
Тој, исто така, рече дека му е „преку глава“ од Иран, додавајќи дека веќе му дал на Иран рок од 60 дена да преговара за договор со САД пред Израел да го започне нападот – Иран требаше да има разговори со САД во неделата, но тоа беше откажано по нападот на Израел.
Тој спомена дека 20 години вели дека Иран не треба да има нуклеарно оружје и ги спореди со „насилници“.
Тој го опиша состанокот на Советот за национална безбедност во вторникот како „добар“, но не сподели никакви детали.
И американскиот министер за одбрана Пит Хегсет одби да каже дали САД директно ќе го нападнат Иран.
За време на сослушувањето пред Комитетот на Сенатот, Хегсет беше прашан од демократската сенаторка Џин Шахин дали размислува за воена акција во Иран.
Хегсет одби да одговори, велејќи: „Поголем дел од она што можам да го кажам би го зачувал за доверлив амбиент“.
Тој додаде дека „во секое време се одржуваат максимални сили“ за да се обезбеди безбедноста на американските трупи во странство.
Иран размислува дали да учествува на директен состанок со Венс
Одговарајќи на коментарот на Трамп, дипломатската мисија на Иран во Обединетите нации во Њујорк рече дека „ниту еден ирански функционер не побарал да се поклонуваат пред портите на Белата куќа“. Сепак, извор во Техеран за Би-би-си рекол дека Иран размислува дали да учествува на директен состанок со потпретседателот на САД, Џ. Д. Венс.
„Ние никогаш не сме се откажале од дипломатијата“, рекол изворот.
Се смета дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, би можел да се сретне со Венс во наредните денови, доколку Иран одлучи да го прифати предлогот.
Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со новинарите за таа можност и рече дека Иранците предложиле средба во Белата куќа, што, според него, би било тешко.
Тој повторно инсистираше дека единствената опција што му преостанува на Иран е да се предаде.
Ајатолахот Али Хамнеи на Иран рече дека нема да го стори тоа.