Крвава пресметка во Скопје: 14-годишник и двајца возрасни завршија во болница
Тројца повредени, меѓу кои и 14-годишно дете, е билансот на жестока пресметка со ножеви која се случила вечерва (17 јуни) во скопската населба Чаир. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, околу 19:48 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од улиците „Цветан Димов“ и „Џон Кенеди“, по претходно недоразбирање, дошло до физичка пресметка.
Во конфликтот учествувале 14-годишно момче и две лица на возраст од 64 и 18 години – сите од Скопје. Нападот ескалирал до тој степен што биле извадени ножеви, а сите тројца си нанеле повреди.
Повредените итно биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде им е укажана медицинска помош.
Од МВР велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, вклучително и утврдување на причините и деталите за инцидентот кој ги вознемири жителите на овој фреквентен дел од Скопје.