Отворени телефонски линии за информации за мајмунски сипаници
Институтот за јавно здравје, конкретно епидемиолози од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), исконтактирале со контактите на позитивните лица со мпокс (мајмунски сипаници) кои тие ги посочиле и тие немаат никакви симптоми на заболување, информираат оттаму.
-Позитивните лица се во добра состојба. Нема нови сомнителни случаи кои што се испратени за тестирање, нема нови позитивни случаи. Во текот на вчерашниот ден беа објавени препораки на веб страната на ИЈЗ до граѓаните. Дополнително, ИЈЗ изработи краток водич за здравствени работници со препораки и патеки на движење за сомнителните случаи и истиот беше доставен до Министерството за здравство кое што ги проследи до надлежните здравствени институции – информираат од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје денес отвара 2 нови телефонски линии за информирање за вирусот: за консултации на граѓани и за консултација на здравствени работници.
-Институтот за јавно здравје, Министерство за здравство, заедно со останатите надлежни институции се во постојана комуникација и координација и остануваат посветени во следење на актуелната состојба како и справување со истата. Засега ризикот за ширење на оваа болест во нашата држава останува низок – велат од ИЈЗ.